Треба ли да се стремите кон совршенство?

Се чита за: 3 минути

Честопати сме ставени под голем притисок кој го носи желбата за совршенство. Се трудиме нештата да бидат изработени до перфекција, работите околу нас подредени во совршен ред, нашите обврски да бидат организирани и да имаме контрола над целата ситуација.

Но, сиот тој притисок поради стремежот кон перфекција, во комбинација со одложувањето на обврските за подоцна е рецепт за неуспех и неисполнување на главните зацртани цели.

Како да се поштедиме од овие навики и колку би можел еден перфекционист да се промени во овој поглед со цел да се спаси себеси од притисокот и стравот од несовршеното?

Најпрво да ги дефинираме и двата поими, за кои психолозите тврдат дека во комбинација се гаранција за неуспех.

Што е перфекционизам, а што одолговлекување?

Перфекционизмот би можеле да го дефинираме на многу начини, но секој од нив кој е поврзан со потрагата по совршенство би бил точен. Перфекционистите се стремат кон извонредност на речиси секое поле во животот, трагаат по одлични резултати и се залагаат за сите сфери во кои би можеле да постигнат успех. Имаат потреба и нагони да го поправаат несовршеното, дури и кога станува збор за ситници и небитни детали.

Одолговлекувањето претставува одложување на обврските, најчесто за некој друг, подобар и посоодветен ден. Не можам денес, но ќе го направам тоа утре или наредната седмица. Една шпанска поговорка вели: „Утре е најзафатениот ден од неделата.“ Станува збор за одлагање на важни обврски со цел да се извршат оние кои не се примарни.

Зошто се јавува одолговлекувањето? Најчесто е поради стравот од неуспех и недоволното ниво на самодоверба. Се плашите дека нема да успеете, дека не сте доволно добри, дека ви е потребно повеќе време. Така тоа се претвора во навика за речиси сè во животот и вие почнувате константно да ги одлагате обврските.

  Лаптопoт во време на пандемија: чистење на лаптопот како превентивна мерка за заштита од Корона вирусот

Која е поврзаноста помеѓу перфекционизмот и одолговлекувањето?

Перфекционистите се луѓе кои знаат до детаљ да ги испланираат своите зацртани цели и начините како да дојдат до нив. Но, често се случува работата да остане само на планирање, без да се преземе акција бидејќи се одлага за понатаму. Поради стравот од неуспех или страв дека нешто нема да излезе перфектно, чувствуваме дека ни треба повеќе време за да се подготвиме пред да дејствуваме.

Планирањето на обврските сè до најситен детаљ одзема време. Нè прави да се чувствуваме безбедно, како да имаме контрола над ситуацијата. До некаде тоа е добро бидејќи сте подготвени за она што доаѓа. Но, мора да постои момент кога ќе почнете да дејствувате. Претераното размислување и планирање ги уништува работите.

Еве еден мал пример. Се подготвувате да учите со цел да го положите испитот. Но, не само да го положите, туку да извлечете најмногу што можете, па притисокот станува уште поголем. Вашиот план за учење е направен, материјалите се собрани, но имате „поважни“ обврски. Прво ќе си ја средите собата, ќе го разлистате омиленото списание, ќе видите што има ново на интернет за да бидете во тек со новостите, ќе излезете на пазарење за да не мислите што треба да купите додека учите… и на крај ви станува јасно дека оваа листа на „обврски“ нема крај.

Решението е примарната обврска и задача да ја направите пред сите останати. Со сфаќањето дека имаме проблем со потрагата по перфекција и со одлагањето на важните обврски, сме на самиот пат кон решението. Некогаш перфекционизмот ни носи навистина совршени резултати, но проблемот е што по некое време не би биле задоволни со ништо помалку од совршеното.

  5 причини зошто треба маркетинг календар за твојот бизнис

 

Ако сакате да ги зголемите резултатите, ефективноста или имате прашање за било која област од дигиталниот маркетинг закажете бесплатна консултација со клик на овој линк.